"Јас бев Камен фрлен во Водата на Стравот, за да бидам одново Оформена!"

 

Несвесно, стравот отсекогаш имал важна улога во мојот живот. Пишувам дневник од мојата 13 година. Една деценија подоцна, кога првпат се соочив со анксиозноста, почнав да ги препрочитувам своите стари дневници. Бев вчудовидена кога открив дека стравот доминирал во мене уште кога сум била 13-годишно девојче. Единствената разлика беше што тогаш само сум чувствувала страв, но не сум се соочувала со изразени физички тегоби.

Во летото 2003 година, штотуку го бев дала последниот испит на факултет, кога почнав да чувствувам тегоби: умор, вртоглавици и отежнато дишење. Една приквечерина дишењето толку ми се влоши што чувствував дека срцето ќе ми излезе од градите. Моите родители ме однесоа на дежурен лекар каде што ми дадоа инјекција за смирување и ме испуштија. Докторското мислење беше: вознемиреност.

На површина, јас не се чувствував вознемирено. Меѓутоа, мојата внатрешна рамнотежа беше сериозно разнишана. Со своите мисли јас бев свртена кон иднината за која бев длабоко загрижена. Од 10-годишна возраст боледувам од мускулна дистрофија, која бавно прогресира и ми ја одзема можноста да се движам независно. По завршувањето на факултетот, сликата што ја имав за својата иднина беше живот на лице со попреченост, изолирано во својата средина. Не гледав убава иднина за себе и тоа предизвикуваше да венеам однатре.

Во тој период јас не бев свесна за влијанието кое овој став кон животот го имаше врз моето психолошко здравје. Бев фокусирана на физичките симптоми (исцрпеност, отежнато дишење, срцебиење, вртоглавици) кои секојдневно ги доживував. Дури откако направив медицински испитувања, кои ми потврдија дека физички сѐ е в ред со мене, сфатив дека она што го доживувам е на психичко ниво.

Во тоа време анксиозноста не беше толку присутна како што е денес, а сѐ уште немаше достапен интернет за да можам повеќе да истражувам низ што поминувам. Започнав терапија со средства за смирување (дијазепам), кои ми помагаа само еден краток период. Потоа анксиозноста се врати со уште поголем интензитет. Неколкупати на ден почнав да доживувам панични напади со знаци на социјална фобија. Едноставно, не можев да бидам во присуство на луѓе ниту да излегувам во друштво или да присуствувам на настани.

Започнав со когнитивна и бихевиорална психотерапија и целосно ја прекинав терапијата со лекарства. Научив техники кои ми помагаа да се релаксирам и да ги надминувам паничните напади и социјалната фобија во секојдневјето. За мене ова беше почеток на еден бавен процес на исцелување.

Работите почнаа да се менуваат. Прво, успех беше секој ден поминат без паничен напад. Иако често имав тегоби, а несигурноста постојано ме следеше, почнаа да се појавуваат и мигови кога ми беше пријатно во сопствената кожа. Со тек на времето станував посилна и послободна да бидам активна. Периодично доживував регресии, кога енергијата ми се намалуваше и повторно чувствував одредени тегоби. Сепак, тие беа сѐ поретки и траеа покусо. Во миговите кога чувствував тегоби, ги користев техниките. Со тек на времето, мојата фокусираност на анксиозноста се намали и таа почна бавно да исчезнува.

  • Facebook
  • YouTube
  • Instagram

“Стравот не може да се победи. Стравот може само да се прифати.

Кога го прифаќаме стравот, ние престануваме да се фокусираме на него, така што тој почнува бавно да се намалува, а со него се намалуваат и тегобите”.

Подоцна, кога интернетот стана широко достапен, продолжив да ја истражувам анксиозноста за да можам подобро да ги разберам причините за нејзината појава, како и да можам да си помогнам не само себеси туку и на другите.

Симболички кажано, анксиозноста претставува една преполнета чаша. Капка по капка, јас почнав да ја празнам својата преполнета чаша, исто како што претходно ја имав преполнето. Иако во периодот на голема анксиозност немав сила да размислувам за тоа, од денешен агол (15 години подоцна), можам да кажам дека појавата на анксиозноста во мојот живот имаше критична и конструктивна улога. Во текот на годините, несвесно имав прифатено деструктивен начин на гледање на животот, при што основен мотив ми беше преживувањето, а не живеењето. Анксиозноста и тегобите ме натераа бавно, но целосно да го изменам својот став кон животот. Прво, тоа го направив за да си помогнам себеси во страдањето, а подоцна и за да се чувствувам убаво. Тоа ми донесе мир и слобода во умот и душата и целосно го измени мојот живот. Наместо да водам изолиран живот, си дозволив себеси, во и од мојата инвалидска количка, да пропатувам голем дел од овој магичен свет кој ни е подарен за да го искусиме, да го работам она што го сакам, сосема сама да заминам на постдипломски студии во Лондон, да се вљубам, да сакам и да бидам сакана. Едноставно, си дозволив да живеам наместо да преживувам.

Дури и кога се плашам, Јас продолжувам да ја избирам љубовта и да му кажувам ДА на животот!

©2019 by Harmony Personal Development Platform. Proudly created with Wix.com

This site was designed with the
.com
website builder. Create your website today.
Start Now