top of page
Лого составено од Цветот на животот, до него испишано Хармони, Платформа за Личен Развој

Можеби се прашувате како е возможно во време на зголемени можности за комуникација и начини да сретнеме нови и нови луѓе, сé поголем број на лица да остануваат сами без животен партнер?!

Одговорот може да лежи во една од најчесто споменуваните психолошки состојби, анксиозностa. 

Иако најчеста форма на анксиозност е генерална анксиозност, голем број на лица се соочуваат со други типови на анксиозност во конкретен аспект на животот, на пример родителство, љубовни врски, кариера, итн.

роцд.jpg

Што е анксиозност во љубовните врски?

Дали сте во љубовна врска и опсесивно се прашувате дали вашиот партнер/ка е вистинскиот за вас? Се прашувате дали се доволно интелегентни, привлечни, интересни. Едноставно, дали се доволно добри за вас и каква ќе ви биде иднината со неа/него?  Или пак сте подолго време сингл бидејќи сеуште не сте ја сретнале вистинската личност. Доколку одговорот е да, многу е веројатно дека се соочувате со анксиозност во љубовните врски.

 

Зошто анксиозноста се појавува? Кога даваме преголемо значење на одреден аспект од нашиот живот, стануваме претерано претпазливи и несигурни, со цел да се заштитиме. На овој начин се блокираме себе си и се губиме во бесконечни стравови и анализи. Нашиот ум почнува да препознава опасност дури и каде што таа реално не постои.

 

Истото се случува и во љубовните врски. Доколку се соочувате со анксиозност во љубовните врски, многу е веројатно дека сте лице кое става големо значење на овие врски и при изборот на животен партнер вашиот ум е алармиран, програмиран да биде многу претпазлив. Во реалноста ова се манифестира на многу начини. Доколку сте веќе во врска, возможно е да почнете опсесивно да се прашувате дали вашиот партнер е доволно добар, привлечен, интелигентен, интересен и каква ќе ви биде иднината со неа/него.

  

Анксиозноста во врските може да се појави во било која фаза од врската. Кај некои лица започнува со првата средба, додека пак кај други се појавува после одредено време поминато заедно. Кај многумина анксиозноста се јавува кога врската ја менува формата, на пример во период на веридба или брак. Бидејќи сметаме дека станува збор за животна одлука и сакаме да направиме вистински избор, многу е веројатно да се појават опсесивни мисли на преиспитување дали сме со вистинскиот партнер. Во одреден број на случаи, анксиозноста во врската може да се појави дури и после многу години поминати во брак. Без разлика кога се појавува, тоа што е заедничко кај лицата со анксиозност во врските е што минуваат низ пеколни преиспитувања и опсесии кои им го одземаат внатрешниот мир и го загрозуваат нормалното функционирање во врската.

 

Лицата кои се соочуваат со ваква анксиозност навлегуваат во еден магичен, пеколен круг на преиспитување дали се со вистинскиот партнер. Со цел да си донесат олеснување од менталната тортура низ која минуваат многу често бараат потврда дека сѐ е во ред со нивната врска, анализирајќи го партнерот опсесивно до најситни детали, размислувајќи каква ќе биде иднината покрај таков партнер или прашувајќи други блиски лица за совет и потврда.

 

Важно е да се напомене дека е многу природно и нормално за секое човечко битие понекогаш да се запраша дали е среќно во врската, дали го сакаат партнерот и дали сметаат дека се со вистинското лице. Разликата кај лицата кои се соочуваат со анксиозност во врската е што станува збор за едно опсесивно размислување и преиспитување на сопствениот избор, страв каква ќе биде иднината поради кој го анализираат партнерот до ниво кое создава изразена конфузност и парализираност во секојдневното функционирање. 

Како најчеста мерка која ја преземаат да си донесат олеснување, во психологијата наречена компулзија, е потребата да се прекине врската. Иако ваквиот чекор може да донесе привремено олеснување, набрзо умот ќе започне опсесивно да ја преиспитува правилноста на одлуката за раскинување и немирот ќе се врати.

 

Зошто е тоа така? Бидејќи опсесивноста живее во психата на лицето и не е поврзана со партнерот, така што на раскинувањето на врската не може да се гледа како на решение бидејќи анксиозноста ќе се јави и во следната врска. Решението би било како и за секој друг тип на анксиозност: Да се погледне длабоко во сопствената психа, да се работи на својот личен развој и да создадеме сосема нови обрасци на размислување и однесување кои повеќе ни служат.

Едно од најчестите прашања за овие лица е како да препознаат дали станува збор за анксиозност или пак станува збор за вистински проблем во врската. Иако дијагностицирањето може да се изврши само од стручно лице, постојат прашања кои можете да ги одговорите за да ги препознаете симптомите со кои се соочувате. Кликнете на следниот линк  за да ги прочитате најчестите симптоми кај лицата со анксиозност во врските, односно опсесивно, компулсивно однесување во врските.  

 

Доколку сметате дека се соочувате со анксиозност во врската или опсесивно, компулсивно нарушување во врската, вклучете се на ФБ групата, Анксиозност во врските-Опсесивно Компулсивно Нарушување во врскитекоја е од од затворен тип, создадена како место за размена на корисни информации и дискусии на темата.

bottom of page